Претходна статија
Кредит од 1,3 милиони евра за улиците во Ѓорче Петров
Следна статија
Реализацијата на „Скопје 2014“ продолжува без престан!

Растат цените на становите во Скопје

Објавено на 01.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вредноста на становите во главниот град бележи нагорен тренд. Народната банка на Македонија го објави Кварталниот извештај за периодот јануари – март 2015 година, во кој се наведува дека цените на станбените единици во Скопје во првиот квартал пораснале за 1,5% на квартална основа и за 2,1% на годишна основа. „Ваквиот пораст најверојатно е од привремен карактер, имајќи во предвид дека состојбата со понудата и побарувачката на недвижности останува слична како во претходниот квартал“, се наведува во официјалниот документ на централната банка.

 

 

 

Кумулативната вредност на станбените згради во периодот 2011-2014 година е повисока за 96,3% од вредноста во периодот 2007-2010 година, а од НБРМ потсетуваат дека е слична динамиката и со издадените одобренија за градење во секторот високоградба. Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити, тренд кој е карактеристичен за целата 2014 година, продолжи и во првиот квартал од 2015 година и упатува на натамошно зајакнување на побарувачката.

 

Според податоците на Народната банка на Македонија, трендот на пораст на цената на станбените единици во Скопје следува по годишниот пад од 0,6% во четвртиот квартал од 2014 година, кога беше забележано и намалување на вредноста на овој тип недвижности од 5,4% и на квартална основа. Статистичките податоци на централната банка се добиваат преку хедоничкиот индекс на цените на становите во главниот град, врз основа на огласите за продажба на станови објавени од агенциите за промет со недвижности.

 

 

Бојан Блажевски