Претходна статија
Шпанците се жалат на проблеми при изградбата на патот Градско - Прилеп
Следна статија
Демир Капија продава седум градежни парцели на приватни инвеститори

Раст од 43,7% кај бројката на предвидени станови за градење

Објавено на 07.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Не прекинува трендот на раст кај бројката на станови што допрва ќе се градат во нашата земја. Македонските општини во текот на мај 2017 година издале одобренија за градење на 1.078 станови со вкупна корисна површина од 79.477 метри квадратни. Споредено со идентичниот месец од 2016 година, порастот на бројката на предвидени станови е заокружен на 43,7%. Притоа, деловните субјекти имале најголем удел во ваквиот раст. Градежните компании обезбедиле одобренија за градење на 965 станови со површина од 65.177 метри квадратни, додека останатите живеалишта ќе ги градат физички лица.

 

 

Значителниот раст во делот на изградбата на овој вид недвижности ги следи веќе вкоренетите преференции на инвеститорите. И во иднина најмногу ќе се градат трисобни (391) и двособни станови (377). Скопскиот регион со 525 предвидени станови за градење предничи на ниво на целата земја. Општина Штип во текот на мај издала најмногу градежни дозволи за нови објекти, па така во наредниот период во оваа општина ќе никнат дополнителни 363 станови. Заедно со неа, Општина Аеродром е на самиот врв на листата со 359 предвидени станови за градење.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај 2017 година се издадени 241 одобрение за градење, што е за 17,5% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.683.276 илјади денари, што е за 25,9% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 133 (55,2%) се наменети за објекти од високоградба, 39 (16,2%) за објекти од нискоградба и 69 (28,6%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 241 објект, на 135 (56%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 106 (44%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk