Инвеститорите во станбениот сектор во март 2016 година предвиделе изградба на 527 нови станови, со вкупна корисна површина од 42.545 метри квадратни. Според податоците на Државниот завод за статистика, во третиот месец од годинава е забележан раст од 8,2% кај бројот на станови и зголемување од 22,7% кај нивната корисна површина. Деловните субјекти ја започнале постапка за изградба на 346 станови, додека преостанатите живеалишта ќе ги градат физички лица. Како и досега, најголем интерес има за инвестирање во двособни (215) и во трисобни станови (169).
Од аспект на региони, во наредниот период најмногу станови ќе се градат во скопскиот регион, каде општините издале одобренија за градење на 303 станови. На ниво на локални самоуправи, предничи Општина Аеродром со 168 предвидени станови за градење, а по неа следуваат Струмица со 132 и скопски Центар со 69 станбени единици што допрва ќе се подигнат.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во март 2016 година се издадени 196 одобренија за градење, што е за 17,6% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.925.448 илјади денари, што е за 23,8% помалку во однос на истиот месец лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 116 (59,2%) се наменети за објекти од високоградба, 32 (16,3%) за објекти од нискоградба и 48 (24,5%) за објекти за реконструкција.