Претходна статија
Бизнисот со билборди ќе трпи промени
Следна статија
„Skopje City Mall“ ги отвори вратите за посетители

Распишан уште еден оглас за пронаоѓање на инвеститор за Луна паркот

Објавено на 02.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје не се откажува од идејата за изградба на нов забавен парк на локацијата на постоечкиот Луна парк. Во печатените медиуми денеска е објавен оглас за доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство во форма на концесија за период од 35 години. Победникот ќе треба да го финансира дизајнирањето, изградбата, работата и одржувањето на забавниот парк, кој согласно со досегашните информации треба да се простира на површина од 40.000 метри квадратни. Крајниот рок за доставување на понуди од заинтересираните субјекти е 3 декември. Во една од претходните објави за пројавување интерес, градските власти истакнаа дека проценетата вредност на проектот изнесува 12 милиони евра.

 

Локалните власти ќе се раководат од четири критериуми при изборот на најповолен понудувач, и тоа: цена на дневен билет за влез и неограничено користење на реквизитите (25 поени), вкупен износ на инвестиција за шест години (25 поени), број на повеќе од превидените монтирани реквизити во првите шест години (25 поени) и капацитет – број на кориснички седишта на „адреналински“ реквизити (25 поени). Операторот на идниот забавен парк треба да ги задоволи европските стандарди за безбедност на забавни паркови при реализацијата на проектот. За обележување е и податокот дека градските власти во огласот ја опишуваат катастрофалната состојба во која се наоѓа Луна паркот, кој потпаѓа под нивна надлежност.

 

 

Актуелната состојба во која се наоѓа Луна паркот:

 

– Реквизитите се многу стари и нивната состојба не е соодветна за минималните стандарди за квалитет;

– Напојувањето со електрична енергија е старо и не ги задоволува тековните потреби и не ги исполнува пропишаните мерки за заштита;

– Водоводната и одводната канализациона мрежа во моментов е запрена и пумпите не работат правилно;

– Хидрантската мрежа за противпожарна заштита мора целосно да се обнови;

– Oбјектот со години акумулира загуби во работењето, што доведува до исклучување на можноста за самостојна модернизација и за купување нова опрема.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект