Општина Прилеп деновиве го распиша тендерот за избор на компанија што ќе ја изведува реконструкцијата и покривањето на северната трибина од фудбалскиот стадион „Гоце Делчев“. Во општинскиот буџет за 2017 година за оваа намена се предвидени 30 милиони денари. Станува збор за втора фаза од проектот за обнова на вториот по големина фудбалски стадион во земјава. Градежните фирми имаат рок до 7 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка.
* Извор на фотографии: Општина Прилеп
Од локалната самоуправа денеска информираа дека продолжува спроведувањето на првата фаза од реконструкцијата на стадионот. Во тек е реконструкција на теренот, каде се поставува нов дренажен систем и автоматско наводнување според меѓународните стандарди на УЕФА. Овој дел од проектот се изведува во согласност со договорот од програмата „ХЕТ-ТРИК 4“, кој е донација од УЕФА и се спроведува преку Фудбалската федерација на Македонија. Со договорот е предвидено и поставување на рефлектори за одигрување на ноќни натпревари. Договорот за реализација на првата фаза во вредност од над 1 милион евра беше потпишан во ноември 2015 година.
Покрај финансиската помош од УЕФА, општина Прилеп се обврза со сопствени средства да го реконструира и надогради трибинскиот простор, подтрибинските површини, стаклената фазада, како и да обезбеди паркинг и хортикултурно уредување на околниот простор. Оваа фаза ќе се реализира во неколку етапи, која започнува со реконструкцијата и покривањето на северната трибина. Фудбалскиот стадион „Гоце Делчев“ во иднина е предвидено да има капацитет за 18.000 гледачи.