Министерството за образование и наука денеска го објави огласот за избор на градежна фирма што ќе го санира и адаптира блокот А од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Втората фаза од реконструкцијата на објектот е проценето дека ќе чини 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра без вклучен ДДВ. Санациониот зафат е предвидено да трае шест месеци, со што студентите од овој студентски дом би ја пречекале наредната учебна година во два реконструирани блока. Во меѓувреме, надлежното министерство работи и на изготвување на техничката документација за претстојната санација на блоковите В и Г.
Сите заинтересирани компании за учество на тендерот треба да ги достават своите понуди најдоцна до 7 декември, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Со финансиски средства од државниот буџет веќе беше саниран блокот Б од овој студентски дом. Забрзаната реализација на реконструктивниот зафат следи по реакциите на студентите за лошите животни услови во објектот што не е обновен неколку децении наназад.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk