Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави меѓународен тендер за избор на градежни компании коимушто ќе ги рехабилитираат четирите регионални патни правци Струга – Дебар, Кавадарци – Мушов гроб, Радовиш – Конче – Лубница и Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница во вкупна должина од 74 километри. Финансиските средства во висина од околу 10 милиони евра се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На интернет – страницата на ЕБОР се наведува дека државното претпријатие планира да ги потроши позајмените средства во вкупен износ од 50 милиони евра за надградба и рехабилитација на регионалните и локалните патишта во земјава. Обемниот проект, кој е започнат во 2010 година, опфаќа реконструкција на регионални патишта во должина од 92 километри, како и изградба и санација на локални патишта во должина од околу 350 километри.
Фирмите кои планираат да конкурираат за санација на четирите делници од патната инфраструктура, имаат право да обезбедат попуст при доставувањето понуди за повеќе од еден патен правец. Градежните компании треба да ги поднесат своите понуди најдоцна до 29 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Со финансиски средства од државниот буџет и со заеми од меѓународните финансиски институции во текот на минатата година се реконструираа и изградија повеќе од 320 километри локални патишта, а беше завршена и реконструкцијата на автопатот Катланово – Велес во должина од 27 километри, покажуваат официјалните податоци на Министерството за транспорт и врски.