Претходна статија
Општина Велес продаде 13 градежни парцели
Следна статија
Повторно субвенции за поставување сончеви колектори

Распишан тендер за ентериерно уредување на палатата „Панко Брашнаров“

Објавено на 26.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со сите напори се обидува што побрзо да ја комплетира изведбата на „барокната“ палата „Панко Брашнаров“, спроти Старата железничка станица во Скопје. Денеска е објавен тендерот за реализација на ентериерските градежно – занаетчиски работи во новиот деловен објект на ова регулаторно тело. Случајно или не, вредноста на изведбените работи е првично проценета на само 1,8 милиони денари, иако е општо познато дека ќе изнесува драстично повеќе, ако се земе во предвид фактот дека треба да се уреди канцелариски простор од 4.099 метри квадратни. За изведба на овој објект од проектот „Скопје 2014“ досега се издвоија околу 4,4 милиони евра.

 

 

 

Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди за учество на тендерот најдоцна до 5 февруари, датум по кој ќе се знае изведувачот на внатрешните градежно – занаетчиски работи. Во меѓувреме, градежните екипи на компанијата „Декон – Ком“ продолжуваат со изградба на административното здание со приземје, осум ката и поткровје. Периодов се реализира замислената фасада, а допрва треба да се постават и прозорците на идното здание. Покрај Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во објектот ќе се сместат уште две институции – АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на владата.

 

„Барокното“ идејно решение за овој објект го изработија авторите Жарко Чаушевски и Никола Стакинов, додека ревидираниот основен проект го изготви „Прима инженеринг“ од Скопје. Изградбата започна во октомври 2013 година, откако полицијата ги отстрани демонстрантите кои се противеа на уништувањето на паркот кој се наоѓаше на оваа локација.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски