Ќе се санира руинираната и напуштена зграда на некогашното основно училиште во кичевското село Подвис. Министерството за култура планира целосно да го реконструира училиштето, во кое за прв пат се одржала настава на македонски јазик. Зафатот ќе се одвива во неколку фази за да се зачува ова значајно спомен – обележје за македонската историја и култура. Со целиот проект ќе раководат стручните екипи на Националниот конзерваторски центар, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Училиштето во село Подвис започнало да работи на 23 септември 1943 година, шест дена по ослободувањето на Кичево, кога учителот Василко Лазарески го одржал првиот час на македонски јазик на ослободената територија на Македонија.