Претходна статија
Свечено отворени градските базени во Куманово
Следна статија
Уште една „барокна“ фасада ќе се изведува на улица „Македонија“

Пропаѓа „Македониумот“ во Крушево, обновата доцни

Објавено на 03.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Една фотографија објавена од опозициската партија СДСМ беше доволна за да се согледа актуелната состојба во која се наоѓа споменикот „Македониум“ во Крушево. Додека во главниот град се издвоија стотици милиони евра за нови споменици и објекти од „Скопје 2014“, вредниот архитектонски споменик во Крушево подолг период прокиснува, а влагата ги уништува белите ѕидови од внатрешноста на зданието. Најавената обнова на архитектонската творба требаше да биде завршена лани, но најновиот рок од надлежните органи е одложен дури до крајот на 2017 година. Неговата обнова ќе чини скромни 4,5 милиони денари, односно околу 70.000 евра.

 

 

 

Со префрлените средства од Министерството за култура, НУ Завод и музеј – Прилеп уште во март годинава склучил договор за обнова на монументалниот објект, но со тендерот е предвидено градежните работи да се одвиваат во рок од дури 24 месеци. Па така, постапката за реконзервација и тековно одржување на архитектурата и витражите на „Македониумот“ ќе завршат дури на 31.12.2017 година. Овие податоци неодамна беа објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, каде се посочува и дека за изведувач на работите е избрана фирмата „БВ Инженеринг“ од Битола.

 

Споменикот „Илинден“ во Крушево е дело на македонскиот скулптор Јордан Грабулоски и на архитектката и уметница Искра Грабулоска. Зданието било отворено на 2 август 1974 година, по повод одбележувањето на 30-годишнината од заседанието на АСНОМ. При редовните туристички репортажи и архитектонски студии, токму „Македониумот“ е посочуван како врвна авторска творба која стои рамо до рамо со зданија од ваков тип изградени во останатите европски земји.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk