Министерството за образование и наука го поништи минатогодишниот тендер за реконструкција на 13 училишни објекти низ македонските општини. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со член 210 од законот“ се наведува во образложението објавено на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Тендерот беше објавен кон средината на октомври 2017 година и вклучуваше изведба на реконструктивни зафати со проценета вредност од 91 милион денари.
Надлежното министерство треба во претстојниот период да распише нов оглас за избор на изведувачи, така што градежните работи на терен ќе се одложат за неколку месеци. Во планираниот зафат за обнова се вклучени објектите на училиштата ОУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, ОУ „Тошо Арсов“ од Штип, ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари, ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, ОУ „Васил Главинов“ од Чаир, ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово, ОУ „Перпарими“ од Чегране, ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел, ОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Бутел, ОУ „Кузман Шапкарев“ од Драчево, ОУ „Никола Карев“ од Пробиштип и ОУ „Јероним Де Рада“ од Черкезе.