Не постојат заинтересирани компании за изградба на ски – центарот на Водно. Рокот за доставување понуди истече денес, но ниту еден субјект не доставил понуда за учество во јавно – приватно партнерство со Град Скопје за реализација на скијачките патеки на потегот од Милениумскиот крст до селото Нерези, објави телевизија „Алфа“. Градските власти дополнително ќе утврдат дали за овој проект повторно ќе се распише уште еден тендер. Според проектната документација, зимскиот центар Водно би се состоел од четири ски – патеки со вкупна должина од 3.850 метри, три ски – лифта со должина од 1.350 метри, центар за изнајмување скии и школа за скијање, ресторан и административен објект. Планот на Град Скопје беше приватниот партнер да вложи во изградба на комплексот и за возврат да го добие на стопанисување во период од 25 години.
Идејата за реализација на зимско – рекреативен центар на Водно пред повеќе од две години ја предложи градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. За остварување на проектот, општина Карпош го усвои и урбанистичкиот план за просторот со површина од 180 хектари. Град Скопје го распиша тендерот за изградба на ски – центарот на крајот од декември минатата година.