Министерството за култура во изминатиов период реконструираше пет фасади на објекти од староградската архитектура во Гостивар. Со проектот досега се опфатени шест објекти, а целосно се завршени пет. Станува збор за градби лоцирани на улиците „Димитар Влахов“ и „Илинденска“. До крајот на годинава во овој македонски град ќе се работи на фасадите на уште шест објекти, а догодина остануваат за реализација уште три. Според планот на Министерството за култура, до 2020 година е предвидено да бидат обновени фасадите на сите објекти од централното градско подрачје на Гостивар.
*Извор на фотографија: Министерство за култура
„Во изминатиов период особено внимание е посветено на заштитата на Саат-кулата, Старото медресе, Беговата куќа и куќата на семејството Чако за кои беа издвоени над 6 милиони денари. Наскоро ќе почне реставрацијата и санацијата на црквата „Св. Димитрија“ изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при денешната работна посета на Гостивар.