Град Скопје и Стопанска банка АД – Скопје денеска ги промовираа 5 – те станици за поправка на велосипеди кои ќе им овозможат на велосипедистите, по потреба, да извршат мали интервенции на своите велосипеди. Сервисните станици за велосипеди се поставени на пет локации во Скопје – бензинска станица Макпетрол на булевар Партизански одреди во Карпош 3, бензинска станица Макпетрол кај Транспортниот центар, бензинска станица Макпетрол на излезот од Скопје кај Автокоманда, бензинска станица ОКТА на булевар Србија и пред инфо центарот на Град Скопје во Градскиот парк.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Локациите на сервисните станици се внимателно одбрани за да бидат на места каде што има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и на позиции каде што веќе постои 24 часовен видеонадзор, со цел да се заштитат станиците од намерно предизвикани штети. „Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, 6 специфични алати кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите и кои веруваме лесно и брзо ќе бидат во примена од сите заинтересирани“ изјави Ратка Тирицовска, Директор на Дирекцијата за маркетинг и односи со јавност во Стопанска банка.