Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на ЈСП-Скопје Игор Јанушев денеска го промовираа Системот за автоматска локација на возила од јавниот градски превоз. Системот се состои од контролен центар во кој се следат автобусите во реално време, во кој вработени лица вршат проверка дали се запазуваат пропишаните возни редови на автобусите на ЈСП-Скопје. За остварување на проектот се вложија околу три милиони евра.
Градските власти очекуваат дека со воспоставениот систем ќе се намали потрошувачката на гориво за возилата и ќе се зголеми квалитетот на јавниот градски превоз во Скопје. Системот за автоматска локација на возилата ќе биде вграден во 500 автобуси од јавниот градски превоз, од кои 385 ќе се најдат во возилата на ЈСП-Скопје, додека останатите 115 ќе бидат инсталирани во автобусите на приватните превозници.
Со проектот, граѓаните ќе можат да го следат пристигнувањето на автобуси на стојалиштата преку 50 информациски дисплеи што се веќе поставени низ градот. Патниците преку СМС-порака, веб апликација или преку бесплатната инфо линија 0-800-115 ќе може да се информираат за возните редови на автобусите од градскиот превоз.