По надминувањето на проблемите со претходниот изведувач на работите, општина Прилеп пристапи кон распишување на нов тендер за довршување на реконструкцијата на фудбалскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. Пролетва треба да продолжи изведбата на северната и на јужната трибина од спортскиот објект, за што е предвидено да се одвојат финансиски средства од околу 29 милиони денари.
*Извор на фотографија: Општина Прилеп
Со идниот изведувач ќе се потпише договор во временски период од 12 месеци, но градежните работи за довршување на реконструкцијата на оваа фудбалска арена ќе треба да се завршат во рок од 90 дена од воведувањето во работа. Општина Прилеп ќе ги очекува понудите од заинтересираните компании до 21 март, по што ќе го избере најповолниот понудувач.
Реконструкцијата на прилепскиот стадион „Гоце Делчев“ заглави минатата година, откако општинските власти го раскинаа договорот со претходниот изведувач на работите. Главната причина за ваквиот потег беше фактот што во предвидениот рок за завршување на проектот, претходниот изведувач успеал да комплетира само 8% од севкупните работи.