" />
На граѓаните на Скопје од денес за изнајмување по цена од 10 денари за еден час им се достапни 70 велосипеди на три локации во градот. Првите три велосипедски пункта се јавното паркиралиште „Треска“, јавното паркиралиште „Плоштад Македонија“ и кај трговскиот центар „Бисер“ во населбата Аеродром, а велосипедот којшто е изнајмен од една локација може да биде вратен на друга. Ова е прва фаза од имплементацијата на проектот за изнајмување на велосипеди под мотото „Остави го автомобилот, вози велосипед“. Бројот на пунктови во иднина е планирано да се зголеми во зависност од расположението и заинтересираноста на граѓаните за користење на оваа услуга. Градоначалникот Коце Трајановски ја искористи можноста да истакне дека Скопје се вбројува во градовите кои имаат одлични услови за изградба на велосипедска инфраструктура и дека во изминатиов период активно работи на воведување на велосипедот како алтернативно транспортно средство.