Со задоцнување од една и пол година, денеска беше пуштен во употреба новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје. Здравствената институција се протега на површина од 6.700 метри квадратни и има капацитет од 210 кревети. Болничките соби се еднокреветни и двокреветни, каде ќе можат да се сместат родителите на децата. Во рамки на објектот ќе функционира дневна болница што може да прими од 30 до 40 деца, како и Центарот за цистична фиброза.
* извор: Влада на Р.М.
Од буџетот на Министерството за здравство во изградбата на новиот објект се вложени 7 милиони евра. Средствата се обезбедени преку кредит од Банката за развој при Советот на Европа. Здравствениот комплекс се состои од пет објекти, поврзани со топла врска. На денешното пуштање во употреба на објектот, кој почна да се гради во септември 2012 година, присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.