Градежните активности за поставување на нова фекална канализација во Прилеп се одвиваат со несмалено темпо. Во овој град треба да се променат 70 километри од канализацијата, а екипите на изведувачот (германската компанија „Лудвиг Фајфер“, со локални подизведувачи од земјава) во изминативе неколку месеци заменија околу 50% од цевките. Од локалната самоуправа очекуваат дека целиот зафат ќе биде завршен до септември 2015 година.
Тековните активности се само дел од проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води, која треба да почне да се гради претстојната пролет и да заврши во 2016 година. Бугарската компанија „Понс Строинженеринг“ веќе е избрана за изведувач на инфраструктурниот зафат кој ќе чини 17 милиони евра, од кои 85% се обезбедени од европските ИПА фондови, а останатиот дел од државниот буџет.
Паралелно со промената на фекалната канализација, во Прилеп се одвива реконструкцијата и на водоводната мрежа. Досега се заменети околу 100 километри од дотраените цевки, со што е опфатена околу 70% од мрежата. Остварувањето на овој проект се одвива со финансии обезбедени преку заем од германската КфВ банка.