Македонскиот премиер Никола Груевски во изјава за медиумите денеска информираше дека забрзано се работи на реализацијата на проектот за изградба на новиот Клинички центар. До крајот на годинава треба да биде завршен основниот проект, а во наредните 10 дена треба да се распише и јавна набавка за рушење на некогашниот објект на Клиниката за гинекологија, на чие место треба да се подигне современата здравствена установа. „Очекуваме за околу месец и нешто да почне рушењето и ќе трае три до четири месеци. Ќе се работи полека, бавно и внимателно, бидејќи е објект во комплекс на болници и клиники. Согласно планот, по завршувањето на рушењето, ќе започне градбата на новата, која е инвестиција од 70 милиони евра“, изјави Груевски.
Идејниот проект за новиот Клинички центар веќе и беше презентиран на јавноста на почетокот на месецот. Истиот го изработи италијанската проектантска куќа „Арен С.Р.Л.“ од Торино. Клиничкиот блок во иднина ќе се простира на површина од 61.500 метри квадратни и ќе се состои од два дела – главен објект и лаборатории. Зградата ќе почне да се гради во текот на 2014 година и ќе се заврши во рок од три години. За реализација на проектот досега се потрошија 1,3 милиони евра за изработка на неопходната проектна документација.