Во рамки на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ досега се одобрени 524 субвенции за станбени кредити на граѓаните кои поднеле своето барање во некоја од комерцијалните банки. Министерството за финансии денеска го додели 500-тото решение на семејството Димовски. Министерот Зоран Ставрески смета дека проектот досега предизвикал голем интерес. „Се работи за значителна финансиска поддршка од државата. Во последниве месеци имаме над 25 одобрени барања. Вкупниот број е 524, што значи дека проектот наиде на добар интерес кај граѓаните“, изјави Ставрески.
Идејата за воведување на субвенционирање од државниот буџет на кредитите за купување на стан или изградба на куќа ја претстави Министерството за финансии кон крајот на 2011 година. Првичните зборови на министерот Ставрески тогаш беа дека очекува можностите од „Купи куќа, купи стан“ да ги искористат од 2.000 до 2.500 граѓани, но проектот наиде на слаб интерес, па во неколку наврати беше менуван и беа зголемувани бенефитите за оние кои подигаат ваков кредит.
Заинтересираните граѓани и во текот на целата 2015 година можат да ги достават своите апликации за станбен кредит преку овој проект до некоја од експозитурите на осум македонски банки: НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола.