На само недела дена од крајниот рок за поднесување на апликации од страна на граѓаните, Министерството за финансии се одлучи да го продолжи времетраењето на проектот „Купи куќа, купи стан“. Наместо до 31-ви октомври, заинтересираните лица ќе можат да ги достават барањата за субвенционираниот станбен кредит до македонските банки заклучно со крајот на 2012 година. Од надлежното министерство засега не излегуваат со конкретни информации за досегашните резултати од владиниот проект, кој требаше да им помогне на македонските граѓани полесно да обезбедат сопствено живеалиште преку отплаќање на половина од месечната рата од подигнатиот кредит во период од пет години или преку половина од учеството за добивање на кредит, односно најмногу 6.250 евра за заем во висина од 50.000 евра.
Во согласност со првиот модел, каматата на станбениот кредит изнесува 4,99 отсто за првите три години и 5,5 отсто за четвртата и петтата година од отплаќањето на задолжувањето. Доколку граѓаните се одлучат за половина од учеството за кредит за купување стан или за изградба на куќа, тогаш каматата за оваа опција изнесува ЕУРИБОР +4,5 процентни поени во текот на целиот период на отплата. Максималната вредност на кредитот не треба да биде повисока од 50.000 евра, цената на објектот за индивидуално или колективно домување треба да биде пониска од 900 евра за метар квадратен, додека барателите на заем е задолжително да имаат примања помали од 900 евра месечно. Апликациите може да се достават до експозитурите на НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка Скопје, Охридска банка, Шпаркасе банка, Прокредит банка, Алфа банка и ТТК банка.