Претходна статија
Архитектонскиот труд е девалвиран во Македонија
Следна статија
Расте интересот за ползување на биогасот како енергенс во земјава

Проект за спас на црквата во Мавровското езеро

Објавено на 18.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Архитектонското студио „Тетрактис“ по сопствена иницијатива изработи идејно решение за заштита и реконструкција на црквата „Свети Никола“, лоцирана во Мавровското езеро. Архитектите имаат идеја за заживување на ова верско здание, потопено во екот на полнењето на вештачкото езеро во Маврово. Замислата од студиото „Тетрактис“ е црквата да се адаптира во современ центар за културни случувања, изложби и други збиднувања во рамките на зимскиот туристички центар. Во проектот е зацртана изградба на заштитни ѕидови околу црквата, со што таа трајно ќе се заштити од езерската вода. Посетителите би можеле да ја посетат преку планираниот тунел, со што ќе се спои брегот со самата црква.

 

 

 

Архитектонскиот труд предвидува санација на темелите и ѕидовите на црквата, но и реконструкција на покривната конструкција. Според податоците на „Тетрактис“, вкупната инвестиција би изнесувала од 3 до 4 милиони евра. Со проектот повторно се заживува идејата за ставање во функција на овој објект изграден во 1850 година. Црквата „Свети Никола“ претставува споменик на културата, но државните органи не ја имаат запишано како заштитено културно наследство. Овој објект, кој ја претставува традиционалната македонска архитектура од XIX век, беше потопен во 1952 година.