Претходна статија
„Адора инженеринг“ ќе го гради „барокниот“ објект во Кисела Вода
Следна статија
Реставрација на фасади на пет објекти во Велес

Продолжува реконструкцијата на фасади долж булеварот Илинден

Објавено на 04.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со поддршка од Министерството за култура ќе се обноват фасадите на уште два објекти лоцирани долж скопскиот булевар Илинден. Во согласност со владината програма за зачувување на автентичноста на старата скопска архитектура, предвидено е да се конзервираат и реставрираат фасадите на објектите со број 68 и 80. Изведбените активности ќе се одвиваат во временски период од 180 денови, при што Конзерваторскиот центар – Скопје за нивна реализација одвои средства во висина над 15 милиони денари, односно околу 240.000 евра. Реставрацијата на фасадите на препознатливите објекти ќе ја извршат компаниите „Пелагонија“ од Гостивар и „Масон – инженеринг“ од Скопје.

 

 

 

Во рамки на проектот за обнова и конзервација на 250 староградски куќи низ целата земја, Конзерваторскиот центар – Скопје минатата година ги реставрираше фасадите на два објекти лоцирани на потегот од фонтаната „Лотус“ до седиштето на македонската влада. Со финансиски средства на Министерството за култура однадвор се обновуваат оние објекти за кои е проценето дека имаат висока архитектонска вредност.

 

Сите преостанати зданија на овој потег од булеварот Илинден ќе добијат реконструирани фасади од Градот Скопје. Станува збор за 13 објекти, за кои веќе се изготвени идејните решенија и проектната документација за санациониот зафат.

 

 

Бојан Блажевски