Градот Скопје продолжува со реконструкција на постојната и изградба на нова велосипедска инфраструктура во Скопје. Деновиве екипите на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Градот Скопје, вршат градежни работи на велосипедско-пешачката патека по должината на булеварот „8 Септември“, на потегот од крстосницата со булевар „Партизански одреди“ до крстосницата со булевар „Илинден“.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Оваа велосипедско-пешачка патека е дел од поврзувањето кое се реализира во рамки на проектот „Скопје Велоград“ и истата е со вкупна должина од околу 2 километри, на потег од раскрсницата со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата со улица „Скупи“ (Хубо Маркет). По завршувањето на овој дел од велосипедската патека, градежните работи ќе продолжат и на преостанатиот дел на ова поврзување.
Овој конектор е од исклучителна важност поради тоа што истиот треба да ги поврзе рутите 1 и 3, поточно велосипедската патека по должината на булевар „Илинден“ (рута 1) со велосипедската патека по должината на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (рута 3).
Градот Скопје ги продолжува своите активности и заложби да прерасне во велосипедска метропола. Во оваа 2018 година во буџетот на Град Скопје за изградба и реконструкција на велосипедски патеки се предвидени 30 милиони денари.