Трендот на вложување во нови станбени објекти продолжил и во текот на месец август. Според соопштението од Државниот завод за статистика, бројот на предвидени станови за изградба изнесувал 618 со вкупна корисна површина од 51.112 метри квадратни, што претставува пораст од 10,8% во споредба со истиот месец лани кај бројката на станови и зголемување од 8,5% на нивната површина. Од нив, 355 идни живеалишта се инвестиција на физички лица, додека деловните субјекти предвиделе подигнување на 263 станови со површина од 17.024 метри квадратни. Скопскиот (295), пелагонискиот (97) и југозападниот (75) регион предничат во однос на бројката на станбени единици кои добиле одобрение за градење од страна на локалните самоуправи. Општините Центар (94), Битола (75) и Аеродром (68) се локациите на кои постоел најголем интерес за започнување на инвестиција во станбениот сектор во текот на месец август.
Статистичарите констатираат дека во осмиот месец од 2012 година се издадени 272 одобренија за градење што е за 42,4% повеќе во однос на идентичниот период од минатата година. Најголем пораст на градежните дозволи од 264,7% е забележан во секторот нискоградба. Сепак, предвидената вредност на објектите е намалена за 16,6% во споредба со август 2011 година, поточно домашните и странски инвеститори пресметале дека во новите зданија ќе вложат 2.100.584.000 денари или околу 34,2 милиони евра. Процентуално, најголемиот пад од 54,2% е регистриран во секторот реконструкција на стари објекти. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 197 (72,4%) се наменети за објекти од високоградба, 45 (16,5%) за објекти од нискоградба и 30 (11,1%) за објекти за реконструкција. Од 272 објекти, на 189 (69,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 83 (30,5%) инвеститори се деловни субјекти.