Претходна статија
Нацрт ГУП-от на Град Скопје изгласан по втор пат
Следна статија
„Гранит“ ќе го довршува патот Радовиш - Струмица

Продадени првите парцели во идната населба „Градина“ во Прилеп, се нудат уште 21

Објавено на 24.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Успешен почеток на идејата за изградба на новата населба „Градина“ во Прилеп. Компанијата „Новоградба“ ги купи првите три градежни парцели со површина од по 500 метри квадратни на кои ќе градат објекти за индивидуално домување, при што истата во наредниот период ќе треба да ги обезбеди одобренијата за градење. Локалните власти од Прилеп во најновата објава за продажба на државно неизградено земјиште нудат уште 21 локација за подигнување на индивидуални живеалишта во новата населба што треба да се оформи на 1,5 километри оддалеченост од денешниот центар на градот, на местото на поранешните оранжерии. Понуденото земјиште е со индивидуална големина од 164 до 444 метри квадратни, при што неговата вкупна површина изнесува 6.292 метри квадратни.

 

 

 

 

Почетната цена на електронското јавно наддавање ќе изнесува 61 денар за метар квадратен, заинтересираните субјекти можат да ги достават пријавите за учество најдоцна до 24 октомври, а лицитацијата ќе се одржи на 30 и на 31 октомври. Сите објекти што ќе се градат во населбата „Градина“ треба да ги задоволуваат критериумите за енергетска ефикасност, согласно со Правилникот за енергетска ефикасност на градежни објекти. Според идејата на Општина Прилеп, на површина од 42 хектари е предвидено да се изградат станбени згради, куќи, пропратни содржини и неопходна инфраструктура за 13.000 жители. На 368 локации ќе се градат објекти за индивидуално домување, додека 24 парцели се предвидени за згради за колективно домување. Предвидени се и седум трговски центри, супермаркети и затворени пазари, како и седум објекти наменети за мали комерцијални и деловни дејности. За задоволување на образовните потреби на граѓаните е предвидено ново училиште, а во комплексот ќе се подигнат и по два големи угостителски објекти и спортско – рекреативни сали.

 

Покрај за остварувањето на овој проект, од локалната самоуправа во Прилеп во најновиот оглас за отуѓување се нуди и последната непродадена градежна парцела во индустриската зона „Металец“со големина од 3.374 метри квадратни, како и локација со површина од 2.935 метри квадратни за изведба на станбена зграда и земјиште од 5.299 метри квадратни наменето за изградба на комунална супраструктура – катна гаража. Пријавувањето за ова наддавање ќе се врши до 24 октомври, додека лицитацијата за државното неизградено земјиште ќе се одвива на 30 октомври.

 

 

» Форумска дискусија за населбата „Градина“ во Прилеп