Продолжува интересот за инвестирање во изградба на станбени објекти на територијата на општина Аеродром. Министерството за транспорт и врски денеска успешно организираше електронско јавно наддавање, на кое беа продадени три градежни парцели со површина од 1.590, 1.789 и 1.830 метри квадратни, наменети за згради за колективно домување. Две од локациите се отуѓија по цена од 4.400 денари за метар квадратен, додека една од нив беше продадена за 4.730 денари од метар квадратен. Врз основа на договорите што допрва треба да се потпишат, инвеститорите ќе треба да одвојат вкупно 23.523.500 денари за земјиштето. На локациите треба да се подигнат станбени згради со по пет, девет и шест ката.
Деновиве се отуѓи и земјиште за изведба на индивидуални куќи во оваа општина. Од понудените седум, на електронската лицитација се продадоа шест парцели во населбата Лисиче. Земјиштето со површина од 497 до 554 метри квадратни беше продадено по цена од 2.999 до 8.250 денари од метар квадратен. По оваа основа, во државниот буџет и во буџетот на општина Аеродром ќе се слеат дополнителни 17.308.935 денари. По потпишувањето на договорите и уплаќањето на финансиските средства, инвеститорите имаат рок од девет месеци да извадат одобрение за градење, а предвидените објекти треба да ги завршат во период од 72 месеци по добивањето на градежната дозвола.