Општина Аеродром останува најатрактивната локација за инвестирање во нови станови во Македонија. На последните две лицитации организирани од Министерството за транспорт и врски, приватните инвеститори ги купија четирите понудени парцели за изградба на станбени згради. Во близина на облакодерите „Џеваир“ ќе се градат три, додека четвртиот објект ќе се подигне кај воениот базен. На електронското јавно наддавање се продаде земјиште со вкупна површина од 6.810 метри квадратни, при што поединечната површина на парцелите беше помеѓу 1.461 до 2.245 метри квадратни. Од продажбата во државната каса и во буџетот на општина Аеродром ќе се инкасираат 63.230.562 денари или преку еден милион евра.
Идните станбени згради ќе бидат со максимална висина од 23 метри, со приземје шест ката и поткровје. По потпишувањето на купопродажните договори, инвеститорите се должни да обезбедат одобрение за градба во рок од девет месеци, а објектите за колективно домување да ги завршат во период од 72 месеци по добивањето на градежната дозвола. Според податоците на заводот за статистика, во општина Аеродром во изминативе неколку години се градат најмногу станбени згради на ниво на државата.