Во завршна фаза е реализацијата на проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ во Велес и Велешко. Според информациите од Министерството за култура, врз позната Спомен – костурница досега беа преземени интервенции за превентивна заштита на покривот за да нема прокиснување, а изведено беше и превентивно санирање на екстериерот и интервенција со инјектирање на сите прозорски отвори, промена на оштетените делови и поставување на нов плексиглас. Завршена е санацијата на изолацискиот слој, а при крај е и изведбата на завршниот, фасаден слој на објектот.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Целосната реализација на проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ во Велес и Велешко е предвидено да заврши до крајот на годинава, со што конечно ќе биде соодветно заштитен овој значаен споменик на културата. Спомен – костурницата во Велес е изградена во 1979 година. Внатрешноста е декорирана со импозантен ѕиден мозаик од пет сцени, дело на современиот македонски сликар Петар Мазев.