Привршува реконструкцијата на градскиот стадион во Штип. По повеќе од 70 години од неговата изградба, пред неколку дена се одигра првиот вечерен натпревар под рефлектори, со што и официјално беше одбележана реализацијата на првата фаза од реконструктивниот зафат. Во рамките на „хет-трик“ програмата за санација на пет фудбалски стадиони во земјава, Фудбалската федерација на Македонија и општина Штип поставија нова дренажа на фудбалскиот терен и осум рефлектори за одржување на ноќни натпревари. Локалната самоуправа пред месец дена распиша тендер за покривање на северната трибина од стадионот, чија проценета вредност изнесува 4,5 милиони денари.
Општина Штип е должна во наредниот период да го уреди целокупниот трибински простор, по што ќе се обноват и соблекувалните во склоп на градскиот стадион. Целокупната реконструкција ќе чини околу половина милион евра, кои се заеднички обезбедени од УЕФА и од локалната самоуправа. Паралелно со поддршката на штипскиот фудбал, од ФФМ денеска излегоа со информација дека во иднина ќе се санираат и фудбалските стадиони во Кочани и Турново лоцирани на истокот од земјава.
Веќе е направен предпроект за обнова, а ФФМ аплицирала за финансиски средства од УЕФА и ФИФА. На стадионот во Турново во тек е реновирање и прилагодување на соблекувалните, реконструкција на кровната конструкција и изградба на нова допинг просторија. За градскиот стадион во Кочани е предвидено да се реконструира фудбалскиот терен и да се изврши подготовка на траса за поставување на нова хидрантна мрежа.