Проектот за изградба на пречистителна станица и за санација на канализационата мрежа во Прилеп е пред својата завршница. Општина Прилеп планира да ја комплетира изведбата во текот на годинава, со што ќе се реши проблемот со третман и прочистување на отпадните води во градот. Министерот за финансии Зоран Ставрески денеска изврши обиколка на терен за да го утврди степенот на реализација на проектот. „Се работи за проект кој што е финансиран со заеднички средства од Европската унија преку ИПА – програмата и од Владата на Република Македонија, во вкупна вредност од 26 милиони евра“ информираше министерот Ставрески.
На инфраструктурниот проект во Прилеп работи германската компанија „Лудвиг Фајфер“, заедно со бугарската фирма „Понс Строинженеринг“ и домашни подизведувачи. Пречистителната станица ќе има капацитет да ги прими отпадните води од 95.000 жители. Со проектот се реконструира и се поставува нова канализациона мрежа во должина од 65 километри.