Општина Центар и претставници на НВО секторот ќе поднесат претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на присвојувањето парцели во скопската населба Дебар Маало, од страна на Владата. Градоначалникот Андреј Жерновски и Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“ денеска соопштија дека по судски пат ќе се обидат да докажат дека е противустановно прогласувањето на четири градежни парцели за „земјиште од посебен интерес“. „Се знае што значи јавен интерес, тоа можат да бидат факултети, градинки, образовни институции, но не може хотелски комплекси, станови и резиденцијални објекти да бидат објекти од посебен интерес“, изјави градоначалникот Жерновски.
Како што соопшти Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“, зад преставката до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на спорните парцели, застануваат Општина Центар, „Плоштад Слобода“, левичарското движење „Солидарност“, „Хелсиншки комитет“, иницијативата „8-ми Септември“ и уште две еколошки организации. На оваа иницијатива во наредниот период може да се приклучат сите заинтересирани субјекти.
„Ова го немало ни во најцрните денови на национализацијата и дури и тогаш имало образложение зошто го прават тоа. Во сите општини владата може сè да прогласи за посебен интерес и да гради хациенди, гусарски бродови, хотелски комплекси, без да даде образложение. Со ова ќе го тестираме Уставниот суд, дали може да изгласа нешто што е во интерес на владата, а спротивно на интересите на граѓаните“, изјави активистот Никола Наумоски.