Претходна статија
Македонија за првпат домаќин на регионална Кнауф Академија
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредува изградбата на филхармонијата

Повторно се најавуваат облакодери кај „Холидеј Ин“

Објавено на 27.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколку години мирување, идејата за изградба на облакодери на паркинг просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ повторно се актуелизира. Македонските медиуми деновиве се преплавени со информации дека турскиот инвеститор „Окан Јатарм“ сака да гради седум висококатници на оваа атрактивна локација во строгиот центар на Скопје. Телевизија „Телма“ известува дека станува збор за седум 20-катници, додека порталот „МКД“ излезе со информација дека се работи за 40-катни објекти во јајцевидна форма, околу кои би се граделе трговски центри, деловни објекти и хотели. За реализација на овој крупен проект, неопходни се измени во Деталниот урбанистички план „Голем ринг – Исток“.

 

* Актуелниот детален урбанистички план Голем ринг - Исток

 

 

Самото градежно земјиште се наоѓа во мешовита сопственост, дел од парцелите се во државна сопственост, додека преостанатите локации ги поседуваат приватни лица. Од друга страна, идејата на турскиот инвеститор не завршува тука, па така тој би сакал да добие во своја сопственост и дел од земјиштето во Ново маало. Општина Центар веќе се изјасни дека нема детални податоци за намерите на компанијата од Турција, ниту пак за барањето измените во урбанистичките планови да се постават на следната седница на Советот на општина Центар. Дел од приватните сопственици на земјиштето бараат повеќе информации за целокупната постапка која се одвива далеку од очите на јавноста.

 

Во рамките на урбанистичкиот план „Голем ринг – Исток“ стои атрактивно градежно земјиште со спектакуларни 600.000 метри квадратни на вкупна изградена површина, поделена на три парцели на кои е зацртано да се градат 60-катни објекти за колективно домување, како и објекти за комерцијални и деловни дејности. Паркирањето би било решено со вкупно 6.330 паркинг места. Се чини нејасно што е она што му пречи на турскиот инвеститор во изготвениот урбанистички план од 2012 година.

 

Какви и да се замислите на турски „Окан Јатарм“, на просторот спроти „Холидеј Ин“ би требало да се инвестираат стотици милиони евра, што дополнително ја отвора потребата за поголема транспарентност на целокупната постапка. Висината на идните градби отвора потреба од поширока архитектонска, и првенствено урбанистичка расправа, околу севкупните ефекти за централното градско подрачје од еден ваков огромен комплекс. Она што досега се знае е дека македонската фирма на турскиот инвеститор е управувана од поранешниот македонски амбасадор во Турција, Горан Тасковски, додека правен застапник е адвокатската канцеларија „Чичевалиев и Илијовски“. Во оваа канцеларија адвокат е Илија Илијовски, кој е и советник во општина Центар од партијата ВМРО-ДПМНЕ.