Статистичките податоци покажуваат дека македонските граѓани патувале повеќе во 2010 година. Од друга страна, товарниот сообраќај бележи загрижувачко намалување во последните 3 месеци од 2010 година.
Патничкиот превоз забележал најголем раст во текот на четвртото тримесечје од 2010 година од дури 27,1% во споредба со истиот период од 2009 година, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика на Република Македонија. За 27,4% се зголемил бројот на превезени патници во рамките на земјава, додека меѓународниот патнички превоз бројот на патници се зголемил за 18,8%. Во градско-приградскиот сообраќај се намалила бројката на превезени граѓани за 1,2% во споредба со последното тримесечје од 2009 година.
Авионскиот сообраќај бележи раст од 18,4% во поглед на превозот на патници во четвртото тримесечје на 2010 година, при што редовните авионски линии забележуваат зголемување на патниците од 31,2%. Од друга страна, чартер – летовите се намалени во споредба со ланскиот период.
Железничкиот превоз во четвртото тримесечје од 2010 година забележува намалување на бројот на патници од 2% во споредба со четвртото тримесечје од 2009 година. Вкупно, со железница во 2010 година се превезле 1.512.000 патници, со авион патувале 719.796 граѓани, додека и понатаму најискористен е патничкиот сообраќај со превезени 13.474.000 патници.
Во однос на товарниот сообраќај, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека за дури 25,5% е намален превозот на стоки во товарниот патен сообраќај во последното тримесечје од 2010 година. Намалување на товарниот сообраќај се забележува и кај железницата од 10,5% во споредба со четвртото тримесечје од 2009 година. Статистика забележува најмало намалување кај превезената пошта од 3,8% во споредба со изминатата година. Единствено зголемување кај товарниот сообраќај е забележано во воздухопловниот превоз од 6,8% во последниот квартал од 2010 година.
Бојан Блажевски