Претходна статија
32 мали хидроелектрани ќе бидат во функција до крајот на годинава
Следна статија
Пропадна уште еден обид за изградба на затворен базен во Битола

Повеќе летови од македонските аеродроми со зимскиот ред на летање

Објавено на 28.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Викендов стапи на сила зимскиот ред на летање на македонските аеродроми. Скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе опслужуваат 13 летови повеќе на неделно ниво во споредба со минатогодишниот зимски ред на летање. Агенцијата за цивилно воздухопловство им додели 97 фреквенции на летови неделно на авиокомпаниите, кои ќе треба да ги одржуваат заклучно со април 2014 година. Најмногу полетувања и слетувања на македонските аеродроми ќе оствари нискобуџетната авиокомпанија „Виз Ер“, која доби 26 неделни фреквенции, вклучувајќи ги Стокхолм и Гетеборг како нови дестинации за летање од скопскиот аеродром. „Туркиш ерлајнс“ од воздухопловните власти доби дозвола за извршување на 14 неделни летови за поврзување на Скопје и Истанбул, додека на швајцарската компанија „Хелветик“ и се одобрени шест летови неделно од Скопје и еден лет од Охрид.

 

#Со зимскиот ред на летање ќе се остварат и досегашните авиоврски со балканските и европските градови од авиокомпаниите што и досега сообраќаа од македонските аеродроми, меѓу кои се и: „Аустриан ерлајнс“, „Адриа“, „Кроациа ерлајнс“, „Ер Србија“, „Флај Дубаи“ и „Пегасус“. Со континуираниот пораст на летови се зголемува и бројот на патници што го користат воздухопловниот превоз. Статистиката за скопскиот аеродром за септември 2013 година покажува пораст од 27,3% на бројот на патници во однос на  септември 2013 година, поточно истиот за еден месец опслужил 95.209 патници. Услугите на овој аеродром во првите девет месеци од годинава ги искористиле 765.659 патници или за 20,14% повеќе од истиот период во 2012 година. На оваа бројка треба да се додадат и 72.217 превезени патници од аеродромот во Охрид, односно вкупно 837.876 патници на двата аеродроми во периодот јануари – септември 2013 година.