За поголемите површини немаше интерес, но затоа пак помалите градежни парцели во поранешната битолска касарна се продадоа по неколку пати повисока сума од почетно зацртаните 2.300 денари за метар квадратен, па така една од нив достигна цена од 17.000 денари за метар квадратен. На денешното електронско наддавање беа отуѓени шест од огласените 11 парцели со намена за изградба на станбени згради, опфатени со Деталниот урбанистички план „АРМ четврт 1“. Помалите пет парцели со големина од 192 до 695 метри квадратни се распродадоа, додека од поголемите со површина 2.248 до 3.164 метри квадратни се отуѓи само една. Од денешната аукција ќе се инкасираат 45.142.046 денари (околу 735.000 евра), кои во најголем дел ќе завршат на сметката на Општина Битола.
Инвеститорите кои го купија земјиштето во поранешната касарна „Стив Наумов“ ќе градат петкатни станбени згради со висина од 19,2 метри. Согласно со објавата, најповолните понудувачи имаат рок од 9 месеци за да добијат одобрение за градба, при што објектите ќе мораат да ги комплетираат во период од 72 месеци. Покрај денешното отуѓување, за 20 март е закажана уште една продажба на градежни парцели во поранешната битолска касарна за подигање на големи трговски единици и на хотелски комплекс. За преуредување на просторот во рамки на касарната се изработени три детални урбанистички планови со вкупен опфат од 103 хектари, на кои е предвидено да се изградат голем број зданија со различна намена.
» Форумска дискусија за проектот „Старите касарни за нов развој“