Музејот на Македонија го поништи тендерот за реновирање на дел од просториите во административната зграда лоцирана во Старата скопска чаршија. „Не е поднесена ниту една прифатлива понуда“ е краткото образложение објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Тендерската постапка беше започната кон крајот на септември годинава. По ваквиот исход, од оваа национална установа ќе треба да објават нов оглас за пронаоѓање најповолен изведувач на градежните работи.
Со претстојниот тендер ќе треба да се реализираат неколку зафати во музејската зграда. Планирано е да се санира дел од покривот на објектот над канцелариите, да се реконструираат санитариите на катот, да се постават нови прозорци во канцелариите и салите на објектот и да се санираат ѕидови и плафонот во влезниот хол на приземјето од зградата.
Целосна реконструкција на музејската зграда не е направена од нејзината изградба во 70-тите години од минатиот век. Сепак, лошата состојба во која се наоѓа Музејот на Македонија прогресираше изминатава пролет, кога дождот придонесе за навлегување на вода низ оштетениот покрив во самата зграда.