Претходна статија
Куманово сака да гради дополнителни 25 километри гасоводна мрежа
Следна статија
Пораснала цената на становите во Скопје во вториот квартал

Поништен тендерот за реконструкција на 13 училишни објекти

Објавено на 03.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Најавениот тендер за санација на објектите на 13 основни и средни училишта низ општините е поништен од страна на Министерството за образование и наука. Наместо да започне реконструктивниот зафат во текот на летните месеци, проектот ќе се одложи за неколку месеци поради распишувањето на нова тендерска постапка. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со член 210 од Законот“ се наведува во образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.

 

Проектот беше предвидено да тежи околу 90 милиони денари. Неговата реализација беше промовирана од надлежното министерство уште во април годинава. По неуспешниот тендер, од Министерството за образование и наука ќе треба да објават трет по ред тендер за набавка на градежни работи за најавената реконструкција на 13 – те училишни објекти.

 

Со овој проект е предвидено да се санираат училишните згради во следниве општини:  ОУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, ОУ „Тошо Арсов“ од Штип, ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари, ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, ОУ „Васил Главинов“ од Чаир, ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово, ОУ „Перпарими“ од Чегране, ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел, ОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Бутел, ОУ „Кузман Шапкарев“ од Драчево, ОУ „Никола Карев“ од Пробиштип и ОУ „Јероним Де Рада“ од Черкезе.