Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) денеска објави оглас за избор на заинтересирани субјекти за изработка на физибилити студија и мастер план за развој и изградба на скијачки центар во Националниот парк Галичица. Преку подготовка на документите ќе се утврди можноста за реализација на долгонајавуваниот проект, како и потребните финансиски средства што ќе треба да се инвестираат во претворањето на Охрид во зимски туристички центар. За реализација на замислата од исклучително значење ќе биде студијата за оценување на влијанието врз животната средина, за чија изработка допрва треба да се објави тендер и со која ќе се определи степенот на опасност за ендемскиот растителен и животински свет при евентуалната изградба на ски – центарот.
Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) и охридскиот градоначалник Александар Петрески во неколку наврати излегоа со свои идеи и предлози за остварување на оваа инвестиција. Хотелиерите сметаат дека зимскиот туризам може да се развие преку изградба на скијачки центар со девет патеки за посетителите во должина од 12 километри, пет ски – лифта во должина од 4,5 километри и два објекти од цврста градба, при што во целокупниот зафат би се вложиле 2,86 милиони евра. Градоначалникот Петрески во текот на март годинава излезе во јавноста со иницијатива за изградба на жичарница од хотелот „Десарет“ до излетничкото место Корита во должина од 6 километри. Македонската влада се изјасни дека најпрвин треба да се изготви потребната документација за овој проект, а потоа да се избере најповолен понудувач кој би го градел ски – центарот.