Со Уредба донесена на владина седница, намалени се почетните цени за продажба на државното земјиште во Скопје. Телевизијата „Алфа“ пренесува дека метар квадратен државно земјиште во општините Центар и Карпош сега ќе се нуди со почетни цени и до 63% пониски од досегашните, во зависносност од намената. За парцели за станбени згради намалувањето изнесува 33% (од 9.000 на 6.000 денари за метар квадратен), додека за комерцијални и деловни објекти намалувањето ќе биде 55% (од 13.200 на 6.000 денари за метар квадратен). Намалување, но процентуално помало, има и во другите скопски општини. Во останатите делови на државата цените остануваат речиси исти. Со оглед дека се работи за владина Уредба, новиот ценовник нема рок, туку ќе биде важечки се додека не се донесе нова Уредба.