Само 10-тина дена по објавувањето на огласот, од Министерството за економија денеска информираа дека се поднесени 365 барања за поврат на финансиски средства од купувањето на нови ПВЦ и алуминиумски прозорци. „Доколку сите баратели, кои поднеле комплетна документација, го остварат правото на надомест во максималниот износ од 500 евра, со обезбедените средства ќе бидат субвенционирани најмалку 635 домаќинства. Со оглед на тоа што се очекува различен износ на инвестиции од страна на домаќинствата, со мерката ќе се поддржат околу 700 домаќинства“ велат од министерството.
Големиот почетен интерес на граѓаните може многу лесно да придонесе за брз завршеток на распишаниот оглас. За проектот од државниот буџет за 2017 година се обезбедени финансиски средства од 20 милиони денари. Крајниот рок за поднесување на барањата за субвенција од граѓаните е 31 август, но треба да се напомене дека средствата се распределуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. Тоа би значело дека годинешниот оглас за субвенции ќе заврши во моментот кога ќе бидат исцрпени предвидените финансии.
Од Министерството за економија потсетуваат дека со оваа стимулативна мерка ќе се надоместат дел од трошоците во износ до 50% од потрошените финансии за новите ПВЦ и алуминиумски прозорци, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Покрај барањето за субвенција, граѓаните треба да достават фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање на услугата, фотокопија од лична карта, податоци за трансакциска сметка на граѓанинот и фотографии во боја како доказ за променетите прозорци во домаќинството.