Global Property Guide прогнозира натамошен раст на цените на становите и куќите во Македонија во согласност со економската консолидација на земјава, очекуваниот раст на БДП и силниот пораст на градежниот сектор во 2011 година. Според последните информации објавени во есенскиот извештај на организацијата, просечната цена на становите во Скопје изнесува 1.064 евра за метар квадратен, додека цената на становите во останатите делови од земјава е за речиси една третина помала и истата изнесува 737 евра за метар квадратен.
Интернет – страницата наменета за инвеститорите во недвижности пресметала дека просечната цена на стан во Скопје од 40 метри квадратни изнесува 44.320 евра, односно 1.108 евра за метар квадратен, становите од 120 метри квадратни имаат просечна цена од 126.960 евра, односно 1.058 евра за метар квадратен, додека најниска просечна вредност имаат станбените единици со површина од 80 метри квадратни – 82.240 евра или 1.028 евра за метар квадратен. Според извештајот на Global Property Guide, цената на становите во Скопје останува многу разумна, иако во самиот извештај не е направена никаква компарација со просечните приходи на македонските граѓани.
Во анализата се истакнува дека постои стабилна состојба на ова поле во Македонија без драматични падови и порасти на вредноста на овој вид недвижности. Сепак, со оглед на фактот што последните промени на извештајот се направени во септември годинава, главниот недостаток на анализата за Македонија е несогледувањето на предвидениот проект „Купи куќа, купи стан“, за кој Владата на Република Македонија ќе издвои 4 милиони евра од буџетот за наредната година. Во извештајот на ниту едно место не е напоменат овој проект кој треба да започне во 2012 година, а од кој меѓудругото се очекува да ги намали надуваните цени на живеалиштата во главниот град.
Бојан Блажевски