Архитектите и активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ од вчера ја започнаа кампањата за запознавање на граѓаните со барањето за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар. На улица Македонија е поставен информативен пулт, на кој граѓаните секојдневно до крајот на декември ќе можат да се запознаат со заложбата за автентично третирање на објектот – симбол на главниот град. На информативниот пулт може да се даде потпис за поддршка на граѓанската иницијатива за опстојување на постоечкиот лик на ГТЦ, граѓаните може да се информираат за предновогодишниот настан што ќе се одржи на 28 декември, но можат и да донираат финансиски средства за реализација на овој значаен настан за Скопје.
И покрај тоа што информативниот пулт е отворен само два дена, веќе стотици граѓани го дадоа својот потпис во знак на поддршка на постоечкиот лик на зданието изградено во 1973 година, кое е конципирано од познатиот архитект Живко Поповски. Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ информираат дека сè уште чекаат дозвола од Град Скопје за да го постават својот информативен пулт пред Градскиот трговски центар, а до добивањето на овој документ тие секојдневно ќе ги очекуваат граѓаните на разговор на почетокот од улицата Македонија. На штандот секој ден ќе има различна јавна личност, со која тие ќе можат да ги споделат своите размислувања за архитектонскиот симбол на Скопје.
Централниот настан за зачувување на сегашниот лик на ГТЦ е закажан за 28 декември од 19 часот. Предвидено е на предновогодишниот настан да одржат сопствен говор јавни личности од земјава, со поддршка е планирано да се вклучат музички ѕвезди преку својот настап, а ќе се формира и жив ѕид околу ГТЦ, со кој ќе се покаже љубовта на граѓаните кон ова здание од центарот на градот. Познати архитекти, ликовни уметници, режисери, новинари и бројни други личности веќе ја поддржаа возобновената граѓанска иницијатива, која во текот на овој декември настапува со мотото „Во новата година со стариот ГТЦ“.
Бојан Блажевски