Претходна статија
Две станбени згради во Центар добија нови енергетско ефикасни фасади
Следна статија
Започна изградбата на третата кула од „Џеваир Скај Сити“

Почнува отстранувањето на стаклената фасада на објектот на ЕВН и ЕЛЕМ

Објавено на 08.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автентичната стаклена фасада на седиштето на ЕВН и ЕЛЕМ во центарот на Скопје заминува во историјата. Деновиве почна поставувањето на заштитна ограда околу градилиштето, на кое оперативата на скопски „Бетон“ во наредните 15 месеци ќе го менува препознатливиот модернистички белег во главниот град. Предвидено е објектот да се преслече во согласност со неокласицистичко идејно решение, и со тоа да биде во склад со околните објекти изградени во рамките на владиниот проект „Скопје 2014“. Покрај промена на стаклената фасада, со проектот е предвидено да се запазат мерките за енергетска ефикасност, но и да се добие дополнителен простор за потребите на двете компании. Зафатот ќе чини 4,3 милиони евра.

 

 

 

Идејното решение за изведба на новата фасада е изработено од страна на Градежниот факултет од Скопје, кој бил задолжен и за подготовка на основниот проект.  Во пакет со фасадата ќе заминат во историјата и четирите сендвичарници, кои се лоцирани на просторот помеѓу деловната зграда и Градскиот трговски центар. Општина Центар во претстојниот период е должна да ги сруши овие времени објекти, по добиеното укажување за нивно отстранување од Министерството за транспорт и врски. И покрај досегашните барања на медиумите, засега официјално не е објавено во целост изработеното идејно решение за објектот на ЕВН и ЕЛЕМ, ниту пак е организирана архитектонска изложба на која би се презентирале пристигнатите авторски трудови.

 

* Визуелизацијата на Шпанските скали откри како ќе изгледа новата фасада на ЕВН и ЕЛЕМ

 

 

Препознатливиот објект од модерната е изграден во 1962 година, врз основа на проект на познатиот српски архитект Бранко Петричиќ. Зданието веќе беше подложено на реконструкција на фасадата на крајот на 90-тите години, кога меѓудругото беше осовременет надворешниот изглед и беа вградени современи материјали за изолација и енергетска ефикасност.