Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на коловозот на улицата Ѓорче Петров. Во тековната фаза, предвидено е да се санира сообраќајницата на потегот од кружниот тек кај „СП Планет“ до општинската зграда во должина од 1.245 метри. Со зафатот исто така ќе се санираат оштетените рабници и ќе се обноват тротоарите од двете страни на улицата. За реконструкција на улицата Ѓорче Петров е планирано да се вложат околу 18,6 милиони денари од градскиот буџет.
Градежните работи ќе ги изведува фирмата „Пелагонија“ од Гостивар. Градот Скопје очекува санираната сообраќајница да биде пуштена во употреба во рок од осум месеци. Долж оваа скопска улица неодамна беа реконструирани и велосипедските патеки од двете страни.