Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска го посети студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде деновиве започнаа градежните работи за санација на блокот А. Реконструкцијата на внатрешните простории за студентите ќе се одвива во наредните шест месеци и е финансирана со 1,5 милиони евра од државниот буџет. Предвидено да се сменат прозорците, подовите, вратите, плочките и осветлувањето. Изведувач на градежните работи е фирмата „НБ Компани“ од Тетово.
Министерот Адеми најави дека во претстојниот период ќе следува етапна реконструкција и на преостанатите два блока. „Изготвена е и техничка документација за реновирање, односно целосна реконструкција на блоковите В и Г, мензата и на партерното уредување на овој комплекс“, изјави Адеми. Тој дополни дека наскоро ќе започне изградбата на два нови студентски дома во Скопје и Тетово, со вкупен сместувачки капацитет од 650 лица. Од Министерството за образование и наука најавуваат дека во студентските домови низ земјава ќе се вградат нови лифтови.