Колективното домување ќе почне да се практикува и во досега руралната општина Илинден. Градоначалникот Жика Стојановски денеска постави камен темелник за првата од предвидените четири станбени згради во близина на спортскиот комплекс во Марино. Станува збор за станбено – деловен објект што ќе се простира на површина од 1.660 метри квадратни, на пет нивоа, со 22 стана и со два деловни простори, а ќе содржи и подземна гаража. Становите ќе бидат со различни површини и тоа од 40, 60, 70 и 125 метри квадратни. Инвеститор на објектот, што го гради фирмата „Периш градба”, е Ненад Јанвески. Целокупната инвестиција изнесува 750 илјади евра, а градежните работи треба да завршат во рок од 9 месеци.