Претходна статија
Екологистите и граѓаните против изградба на туристичко развојна зона кај Градиште
Следна статија
Промовирана реконструираната велосипедска патека во Автокоманда

По осум години ветувања, конечно стартува проектот „АРМ – мој вистински дом“

Објавено на 30.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – потполковник Методија Величковски денес го претставија проектот „АРМ – мој вистински дом“ пред војниците од скопските и од кумановската касарна. Со проектот на припадниците на армијата им се нуди можност за отплата на станот на 240 еднакви рати и за субвенционирана камата од ратите, како и можност за 30 процентно учество од градежната цена. Изградбата на станови за припадниците на АРМ ќе започне во скопската касарна „Илинден“, по што е предвидено проектот да се прошири и во другите градови од земјава.

 

 

 

„Кон крајот на декември и средината на јануари ќе започнеме со градба на првата зграда, а во тек сме да добиеме градежна дозвола од Општина Карпош“, изјави министерот Јолевски. Првата зграда треба да биде изградена во рок од 12 месеци. Владата на Р.М. веќе донела одлука за давање на долготраен бесплатен закуп за земјиштето каде што ќе се градат првите згради. Според објавената проектна документација на веб – страницата на Министерството за одбрана, со основниот проект е предвидена изградба на станбен објект со подрум, приземје и четири ката. На припадниците на АРМ им се нудат еднособни, двособни и трособни станови со површина од 40 до 90 метри квадратни. Покрај становите, во објектот е предвиден гаражен простор.

 

Според информациите од Министерството за одбрана, допрва треба да се избере градежна фирма што ќе ја гради првата станбена зграда во касарната Илинден. Огласот за купување на стан во лична сопственост веќе беше објавен од надлежното министерство кон крајот на септември. Покрај оваа зграда, во текот на наредната година треба поинтензивно да се одвива изградбата на нови станбени објекти за македонската армија.

 

Владиниот проект „АРМ – мој вистински дом“ им се ветува на припадниците на армијата речиси една деценија. Во 2009 година беше најавено дека во касарната Илинден ќе никне населба со 1.400 станбени единици, но ништо од ова досега не беше реализирано. Првите станови требаше да бидат изградени и пуштени во употреба до крајот на 2011 година, но рокот од тогаш до денес е пробиен за повеќе од четири години. Во скопската касарна Илинден е определен простор за градење со површина од 95 хектари, кој делумно треба да биде искористен и за изградба на армиските станбени објекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk