Претходна статија
Приватен инвеститор ќе го гради „барокно“ ГТЦ?
Следна статија
Јавноста ќе го избира изгледот на плажите на Охридското езеро

Плоштад „ВМРО“ чека идеи за спомен обележјето и фонтаната

Објавено на 23.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Одборот за подигање спомен обележје и фонтана на Плоштад „ВМРО“ објави Конкурс за изработка на идеен проект за овие планирани содржини што ќе се постават пред седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Идното обележје од мермер ќе биде во форма на столб, додека на неговиот врв може да се постави декоративна фигура. Замислениот столб ќе претставува комбинација од клучните моменти и настани од историјата на ВМРО. „Со историска веродостојност и естетски презентиран израз, композицијата на фонтаната – столбот треба да се вклопува во зададениот архитектонски простор“, се наведува во конкурсот. Предвидено е фонтаната да биде релјефно обликувана со настани, личности и симболи од историјата на Македонија.

 

 

 

Заинтересираните автори треба да ги достават своите трудови најдоцна до 21 декември. По изборот на најквалитетниот идеен проект, ќе се пристапи кон натамошна изведба на плоштадот „ВМРО“. Првонаграденото дело ќе се стекне со награда во износ од 50.000 денари, втората награда е во висина од 30.000 денари, додека третонаградениот труд ќе добие 15.000 денари. Откако ќе се заокружи оваа етапа од остварувањето на проектот, ќе се продолжи со поконкретно изведување на работите на терен. Кавадаречката компанија „Урбан инвест“ ќе ја гради идната јавна површина од 681 метри квадратни. Од Буџетот на Град Скопје за наредната година е предвидено да се издвојат 1,3 милиони евра за овој проект, што претставува вкупната вредност за неговото целосно завршување.

 

Покрај изведбата на плоштадот „ВМРО“, Градот Скопје планира целосно да ја видоизмени непосредната околина на овој дел од главниот град. За изведба на „барокни“ фасади на ближните згради веќе беше распишан Конкурс за избор на идејни решенија, со што околината би добила нов изглед што ќе наликува на останатите зданија од владиниот проект „Скопје 2014“.

 

 

Бојан Блажевски